Вакцини за Западен Балкан со посебен механизам
Поради сложеноста на процесот на КОВАКС за испорака до сиромашните земји и оние што не се дел од блокот, во Брисел било одлучено да се создаде нов систем.

Европската унија планира со посебен механизам да обезбеди вакцини против ковид-19 за земјите од Западен Балкан. Поради сложеноста на процесот на КОВАКС за испорака до сиромашните земји и оние што не се дел од блокот, во Брисел било одлучено да се создаде нов систем. До летниот период се очекува имунизација на најмалку 70% од населението на Унијата. Унгарија е првата земја-членка на блокот која склучи договор со Русија за вакцината „Спутник“.
„Предлагаме да се воведе нова категорија на „темноцрвена боја“ за зоните каде што вирусот циркулира на многу високо ниво. Лицата кои патуваат од тие региони ќе мора да направат тест пред поаѓањето, а по пристигнувањето ќе одат во карантин“, изјави Урсула вон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Европските земји ги заоструваат мерките. Од недела, за влез во Франција е задолжителен негативен ПЦР-тест. Германија размислува за затворање на границите откако ги продолжи рестрикциите до 14 февруари. Од сабота Холандија воведува полициски час од 21 до 4 и пол наутро.
„Ќе се гледам поретко со пријателите. Ќе мора дома да учам. Нема да биде лесно, но ако не неопходно, добро.“
„ Јас и онака не излегувам навечер. Немам потреба.“
Во чешкиот парламент, дискусијата за ковид-19 се претвори во тепачка меѓу неколку пратеници кои имале различен став за обврската за носење маска.
Во меѓувреме, британски лекар, револтиран од теориите на заговор, ги повика сите кои го негираат вирусот да посетат некој од Одделите за интензивна нега.
„Лут сум, читам многу работи на социјалните мрежи за тоа дека болниците биле празни. Тие луѓе нека дојдат да видат низ што минуваме, што се случува зад тие врати. Таму е како во воена зона, се справуваме со војна“, изјави доктор Умир Вахид, Лондон.
Од овој вирус на глобално ниво починале над два милиона луѓе.
Маја С. Филдишев
