Oсум ипол години затвор за фризерката Благица

17.03.2014 15:24

Благица продавала приказна дека е човек од Владата. Становите што ги нудела, наводно се граделе со пари од кралството Холандија...

По една година од откривањето на мегаскандалот со продажбата на фиктивни станови, случајот со скопската фризерка Благица Дончевска доби судски епилог. Осум и пол години затвор затоа што свесно измамила 40-тина граѓани, доведувајќи ги во заблуда дека за малку пари ќе го решат станбеното прашање. 
 
Таткото на Благица, Ацо Велјановски ќе помине во затвор 4 и пол години затоа што со умисла и помагал на ќерката незаконски да се збогати. Казната затвор не е доволна, смета судот, па на оштетените ќе мора да им ги вратат парите.
 
Благица продавала приказна дека е човек од Владата. Становите што ги нудела, наводно се граделе со пари од кралството Холандија. 
 
Македонското судство по скандалот со Фиком, оваа станбена афера тешка повеќе од 700 илјади евра ја смета за најголема. Обвинетата Благица Дончевска тврдеше дека парите што ги зела од измамените планирала да ги врати, штом ги намири коцкарските долгови на нејзиниот сопруг. Останува во притвор до правосилност на пресудата. 
 
Анита Димитријевска