Повторно одложено рочиштето за случајот „Моќник“

25.01.2021 12:08

Обвинетиот Вецко Здравески не го примил обвинителниот предлог, по што судијката ја одложи главната расправа за 17-ти февруари.

По четврти пат во скопскиот Кривичен суд одложено рочиштето за случајот „Моќник“. Обвинетиот Вецко Здравески не го примил обвинителниот предлог, по што судијката ја одложи главната расправа за 17-ти февруари.

Истрагата за овој случај во кој е обвинет и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски ја водеше обвинителката Фатиме Фетаи во рамките на тогашното Специјално јавно обвинителство. Милошоски се товари за измама и за злоупотреба на службената положба и овластувања. Освен него, обвинети се и неговиот татко како и поранешниот градоначалник на Македонски Брод Милосим Војнески, претседателот на некогашната Лустрациска комисија Томе Аџиев и осум нејзини члена. Една од членките на оваа Комисија, во меѓувреме почина.

Предметот „Моќник“ се однесува на незаконска продажба на имот во 2011 година во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Според обвинителството, штетата врз буџетот се проценува на околу 50.000 евра.

 

Анита Димитријевска Велковска