Прва седница на новиот состав на ДИК

25.01.2021 15:59

Околу 170 милиони денари ќе добијат политичките партии за локалните избори. Од Државната изборна комисија велат дека 300 милиони денари ќе им бидат потребни за новиот начин на гласање со отпечаток од прст. Новиот претседател Даштевски уверува дека ДИК ќе работи на софтверот за да биде безбеден...

Околу 170 милиони денари ќе добијат политичките партии за претстојните локални избори за медиумската кампања. Државната изборна комисија ја изгласа оваа точка на првата седница со новиот претседател на комисијата Даштевски. За новиот начин на гласање со отпечаток од прст за идентификација на граѓаните, велат дека ќе бидат потребни 300 милиони денари, за што повторно барање ќе достават до Министерството за финансии .

Од Државната изборна комисија велат дека иако сѐ уште трае постапката за софтверот со кој се објавува резултатите од предвремените парламентарни избори ќе се работи на негово подобрување. Целта е тој да биде сигурен и безбеден за да се врати довербата на граѓаните во избирачкиот процес.

Оттаму велат дека сите постапки за организирање на изборите 2021-ва година ќе се спроведуваат преку системот за јавни набавки транспарентно.

Локалните избори треба да се одржат во октомври годинава.

Дијана Ценевска