Пендаровски го потпиша Указот: Податоците од пописот да бидат од корист за развојот

25.01.2021 16:11

Претседателот Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на закон за попис. Очекува процесот да не се политизира, а добиените податоци да бидат од корист за севкупниот развој. ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека власта донела закон што создал недоверба во општеството и ги разгорел политичките желби и наддавања. Од СДСМ велат дека опозициската партија ја политизира статистичката операција, шири невистини и оспорува резултати на уште неспроведен попис...

Кабинетот на претседателот Стево Пендароски соопшти дека шефот на државата го потпишал Указот на Законот за попис откако се консултирал со правни експерти.

„Претседателот Пендаровски очекува процесот на спроведување на пописот да не се политизира, а добиените податоци да бидат од корист за севкупниот развој, со што ќе се овозможи формулирање на долгорочни стратегии во виталните области во државата“, соопштија од неговиот Кабинет.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат- Пендаровски повторно покажа дека е вазал на Зоран Заев. Според нив, власта донела Закон за попис кој што создал недоверба во општеството и ги распалил политичките желби и наддавања. Оценуваат дека пописната операција ќе биде израз на политички договор наместо на статистичка спроведена операција.

Од владејачката СДСМ посочуваат дека прашањето на пописот е премногу важно за развојот на државата и не смее да се прекине поради политичките хирови на неспособниот Мицкоски. Затоа, како што велат,ВМРО-ДПМНЕ го политизираат пописот, шират невистини и оспоруваат резултати на уште неспроведен попис.

Од ДУИ велт дека по 19 години, државата конечно ќе добие попис спроведен по сите меѓународни стандарди. Според сите индикатори, Албанците ќе бидат над 25 отсто, изјави координаторот на пратеничката група Изет Меџити и порача дека нема потреба од дилеми за бројноста на Албанците.

Пописот на населението, домаќинствата и станови треба да се одржи од 1 до 21 април, а критичен момент за прибирање на податоците е до 31 март. Државниот завод за статистика има обврска да ја донесе Методологијата за спроведувањето попис која треба да биде објавена во Службен весник.

Игор Панов