Нереди по воведувањето на полицискиот час во Холандија

25.01.2021 16:24

Воведувањето на полицискиот час со цел стопирање на третиот бран на коронавирусот - причина за насилствата и вандализмот во земјата. Најпогоден - Ајндховен...

Искршени прозорци, разрушени продавници, опожарени возила- тотален хаос ги пречека холанѓаните изутрината. Воведувањето на полицискиот час со цел стопирање на третиот бран на коронавирусот - причина за насилствата и вандализмот во земјата. Најпогоден - Ајндховен.

Мојот град плаче, исто и јас. Гледајќи го ова што е направено овде, ова се надреални ситуации што не очекувате да ги видите во Холандија. Никој не дојде тука да демонстрира, тука дојдоа да започнат немири и да ја нападнат полицијата. Од првиот момент, кога полицијата им се обраќаше, овие луѓе извлекоа стапови, оружје и започнаа борби“, изјави Џон Јоритсма градоначалник на Ајндховен.

Стотици луѓе се уапсени на забранетите собири откако полицијата интервенираше со водени топови и солзавец за да ја растера насобраната толпа. Премиерот Руте ги осуди насилствата.

Насилството е неприфатливо. Нормалните луѓе можат само да го гледаат со одвратност. Ова нема никаква врска со протест, ова е криминално дело и како такво ќе го третираме. Она што го видовме нема никаква врска со борбата за слобода. Не ги преземаме овие мерки за забава. Ова го правиме затоа што се бориме против вирусот кој што ја одзема нашата слобода во моментот. Убеден сум дека 99 насто од Холанѓаните ги почитуваат мерките и полицискиот час, бидејќи само обединети можеме да го победиме вирусот“, рече Марк Рутепремиер на Холандија.

Со осуда и дел од граѓаните.

На почетокот и јас бев за протести и против мерките. Речиси ја изгубивме целата своја слобода. Сега не можеме дури ни да излеземе навечер надвор, ништо. Но, насилството! Не ми се допаѓа.

Реагирање со ваков гнев. Навистина не разбирам. Гледајќи ја целата штета изутринава едноставно не разбирам“, велат жители на Ајндховен.

Демонстрации против ограничувањата се одржаа и во Амстердам. Немирите се случија ден откако центарот за тестирање за Ковид-19 беше запален во селото Урк во првата ноќ на полицискиот час. Земјата е во строг локдаун од средината на декември.

Бојана Крстевски