Штипските пожарникари добија зголемување на основната плата за 20 насто

25.01.2021 16:31

Јануарската плата на штипските пожарникари ќе биде зголемена за 20 насто. До 2017 година, ништо не беше решено во поглед на платите кои на пожарникарите им следуваа по закон. Таквата неодговорност ја чинеше Општина Штип 20 милиони денари, по однос на тужби од Територијалната противпожарна единица.

После скопските и штипските пожарникари од овој месец добиваат зголемување на основната плата за 20 насто, согласно нивните барања и судските пресуди. Се работи за сума од околу две илјади денари на основната плата која за штипските пожарникари почнува од 15 илјади денари.

Непостапувањето по Законот за пожарникарство и барањата на Независниот синдикат скапо ја чинеше Општина Штип, која се раздолжи кон пожарникарите после судските пресуди во нивна полза.

Штипската противпожарна единица е солидно опремена, но обновата на противпожарните возила и обуките на пожарникарите треба да се реализираат во континуитет вели командирот на ППЕ Штип.

За само една седмица противпожарната единица во Штип интервенираше во гасење на седум опожарени оџаци, а успешно се справи и со големиот пожар на стар станбен објект во центарот на градот, каде беа сместени девет семејства во социјален ризик. Пожарот помина без жртви и повредени, но остави без дом неколку семејства кои нелегално беа вселени.

 

 

Славица Величковска