Тетово: Граѓани ја блокираа „Индустриска“, бараат поголема безбедност во сообраќајот

25.01.2021 16:40

Еден од најфрекфрентните булевари во Тетово- „Индустриска“ денеска беше блокиран од граѓаните. Револтирани што на оваа делница има постојани жртви и повредени, пред сѐ пешаци, затоа што патот е небезбеден брзо се вози и нема доволно сообраќајна сигнализација...

70 годишниот Бари Хасани е еден многуте граѓани кој едвај спасил жива глава на оваа делница. Завршил на скопските клиники, откако во него со голема брзина удрил автомобил кој поминал на црвено.

Тој денеска се приклучи на блокадата на булеварот „Индустриска“, на кој учесниците побараа поголема безбедност со поставување на легнати полицајци, надвозници како и повеќе сообраќајна сигнализација и контрола од полицијата.

На „Индустриска“ се вози брзо. Делницата се користи за транзитен сообраќај, а покрај неа има станбени објекти, но и градинка и училиште. Пред десетина дена на овој коловоз загина 6- годишно девојче кога во него удри автомобил.

Само лани со повреди од сообраќајки на оваа делница се здобиле 30 лица, половина од нив биле пешаци.

Причните, како што наведуваат од полицијата, се брзото возење, недавање предност на пешаците како и непочитување на сообраќајните правила и прописи.

Учесниците најавија нова блокада на „Индустриска“, ако во рок до две недели, не се започне со реализација на нивните барања.

Зоран Димовски