Португалското претседателство со ЕУ ќе настојува да почнат преговорите со земјава

26.01.2021 10:07

Вицепремиерот Димитров и шефот на македонската дипломатија Османи во работна посета на Брисел. Претпладнево средба со Жозеп Борел, синоќа се сретнаа со шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва...

Процесот на проширување на ЕУ е важно прашање за португалското претседателство, и ќе направи сѐ што е во негова моќ да се забрза дијалогот за усогласување на преговарачката рамка и да се почнат пристапните преговори меѓу Mакедонија и ЕУ, им порача португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и на шефот на дипломатијата Бујар Османи, синоќа во Брисел.

На состанокот било отворено и европското досие на Северна Македонија, при што се разговарало за идните можни чекори кои би се реализирале за време на португалското претседателство со ЕУ.

Димитров и Османи потенцирале дека евроинтегративниот процес на Македонија, за која има консензуална одлука од сите земји- членки за почнување на преговорите, мора да добие засилено внимание. Ја потврдиле посветеноста на земјата кон реформите, нагласувајќи дека јасната перспектива како идна полноправна членка на ЕУ, претставува најсилен поттик за продолжување на реформскиот процес и вградување на европските вредности.

Денеска Димитров и Османи треба да имаат заеднички средби со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак, како и со претставници на Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување.