Иванов: Јазикот е душата на народот
Без писмо народите се ранливи, незаштитени, изложени на бурите на историјата. Народите без сопствена писменост отсекогаш биле лесен плен на оние што сакаат да поделат, покорат и претопат, посочи претседателот Иванов на денешната промоција на „Прогласот“ во Охрид...

Јазикот е клучот за разбирањето на културата, традицијата и светогледот на еден народ, на неговото минато, сегашност и иднина. Јазикот е душата на народот. Но, додека кажаното некогаш се заборава, пишаниот збор останува, рече на денешната промоција на македонско-словачкото издание на „Прогласот кон Светото Евангелие на Константин Филозоф“, дело објавено во знак на одбележување на 1.150-годишнината од моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј.
„Без книга сите народи се голи, порачува Константин филозоф. Без писмо народите се ранливи, незаштитени, изложени на бурите на историјата. Народите без сопствена писменост отсекогаш биле лесен плен на оние што сакаат да поделат, покорат и претопат“, истакна претседателот на Македонија, Ѓорѓе Иванов.
Промоцијата на луксузното издание на „Прогласот“ кон светото евангелие ги потврдува пријателството и довербата помеѓу двете држави и го потврдува континуитетот на културните врски кои се негуваат повеќе од 11 века.
„Од взаемен интерес за двете страни е засилената позиција во размена на духовните придобивки и градењето на патот на взаемното македонско-словачко културно пријателство,подршка и разбирање во годините што доагаат“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.
Мисијата на светите браќа Кирил и Методиј придонесе да има силна поврзаност помеѓу двата народи,реце словачкиот амбасадор,при што нагласи дека Македонија секогаш ќе има силна подршка од неговата земја.
„Нашата подршка и асистирањето ќе продолжат бидеќи за вашето полноправно членство во Унијата и Алијансата пројавуваме силен интерес“, рече Мартин Безак-амбасадор на Словачка во Република Македонија.
На промоцијата говореше и министерот за надворешни работи, Никола Попоски, а излагања за значењето на „Прогласот“ имаа професор Илија Велев од Институтот за култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и Стојан Лековски, преведувач и библиограф, кој го изработи македонскиот превод.
Сашо Нелоски
