Димитров и Османи во Брисел на средба со Борел
Денеска претпладне во Брисел вицепремиерот Димитров и шефот на дипломатијата Османи се сретнаа со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел. Како што информира од Владата, Борел го поздравил високото ниво на усогласување на земјава кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ...
Иднината на политиката на проширување, усогласувањето на Преговарачката рамка како и унапредувањето на добрососедските односи, меѓу главните теми на средбата на Османи и Димитров со шефот на европската дипломатија Борел.
„Од страна на Високиот преставник Борел беше поздравено високото ниво на усогласување на Северна Македонија кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, се вели во владиното соопштение.
Според, Димитров и Османи, отворањето на поглавјата со земјава ќе придонесе кон зголемувањето на кредибилитетот на Унијата во регионот.
„На средбата беше подвлечен фактот дека Северна Македонија има навистина голем број пријатели меѓу земјите членки, чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со нашите- целосно интегрирање на Западниот Балкан за конечно комплетирање на Унијата“, соопштуваат од македонската влада.
Според Владата, пред Европа како и во светот се појавуваат актуелни и идни закани, по што соговорниците оцениле дека успехот на европскиот проект зависи од солидарноста и од сојузништвото.
И на синоќешната средба со актулениот претседавач со Унијата, португалскиот министер за надворешни Силва, било разговарано за процесот на проширување во претстојниот период. Португалскиот министер потврдил дека ќе се забрза дијалогот за усогласувањето на Преговарачката рамка за почеток за пристапните преговори меѓу Македонија и Европската Унија, се вели во соопштението на кабинетот.
Марина Стојанова- Тонева
