Пандемијата ги намали пожарите
Значително намален број на пожари, бележи кумановската пожарна. Лани пожарникарите интервенирале на 351 локација, што е намалување за 226 пожари во однос на 2019-та година. Намалувањето се должи на пандемијата и мерките за ограничено движење. Кумановските пожарникари активно беа вклучени и во првенција од ширењето на вирусот.

Пандемијата од корона вирусот значително го намали бројот на пожари во кумановско. Пожарникарите минатата 2020 година интервенирале на 351 локација, што е намалување за 226 пожари во однос на 2019-та година, кога имало 577 пожари. Од територијалната противпожарна единица во Куманово информираат дека интервенирале на 102 пожари на објекти, 21 интервенција на возила, 127 пожари на отворено. При пожарите имало седум повредени и четири жртви. Намалувањето на бројот на пожарите се должи на мерките за ограничено движење, но и временските услови. Лани пожарникарите беа вклучени и во превенција од ширењето на вирусот.
„Од физичко перење на улици низ централното градско подрачје, вршење дезинфекција по јавно прометни површини, станбени згради, заедно со екипи на ЈП „Чистота и зеленило“, како и активно учество во делење на пакети за социјално загрозени семејства. Тоа беше во средина на март до крај на април, сите тие активности беа извршени од слободени смени, повикувајќи ги работници од дома, тоа беше волонтерски работено“, изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.
Кумановската противпожарна единица работи со 49 пожарникари, кои освен во Куманово делуваат и во Липково, но и Старо Нагоричане. Тие располагаат со осум противпожарни возила. Општината минатата година набави едно теренско возило.
„Солидно сме екипирани, со тенденција да работиме уште на доекипирање на единицата. Затоа и со оглед на сите тие податоци успеавме успешно да се справиме со сите предизвици изминатата година и да земеме активно учество во справување со ковид кризата“, вели Илиевски.
Противпожарната единица во Куманово од почетокот на годинава бележи 17 интервенции, на запалени, оџаци, контејнери и диви депонии.
Елена Георгиевска
