КОВИД-19

ЕУ се заканува со построги правила за извоз на вакцините

26.01.2021 14:03

ЕУ ќе го заостри извозот на вакцини против Ковид 19. АстраЗенека по стапките на Фајзер, наместо ветените 80 милиони дози, на Унијата ќе и испорача само 31 милион. Затоа Брисел најави финансиска поддршка на неколку компании за брз развој и производство на вакцини...

Европската Унија ќе ги заострува правилата за извоз на вакцини. Одлуката на Брисел следува поради доцнењето на испораките од „АстраЗенека“. Оваа фармацевтска компанија наместо 80 милиони, во блокот ќе може да дистриубуира само 31 милион дози.

„ЕУ даде поддршка за брз развој и производство на неколку вакцини против ковид-19, во износ од 2,7 милијарди евра. Сакаме точност околу трансакциите и целосна транспрарентност во однос на извозот на вакцините од ЕУ“, изјави Стела Киријакидес, комесар за здравство на ЕУ.

Со новите правила се загрозува пристапот на Обединетото Кралство за дозите на „Фајзер“ и „Бионтек“ кои се произведуваат во Белгија. Британија која се справува и со мутација на ковид-19, го забрзува процесот на имунизација. Деновиве се отвораат нови 30 центри за вакцинација.

„Со оваа програма досега се имунизирани веќе 6,3-6,4 милиони луѓе. Целта ни е до средината на февруари да ги вакцинираме сите во ранливите групи“, изјави британскиот премиер Борис Џонсон.

Францускиот институт „Пастер“ го запира главниот проект за вакцина поради недоволна стапка на ефикасност и лоши клинички резултати.

„Кога почна пандемијата, институтот Пастер тргна по три патишта, едниот од нив е запрен. Можеби другите два ќе бидат поуспешни“, изјави Кристоф Денферт, директор на Институтот „Пастер“.

Ентони Фаучи, шефот на тимот на американскиот претседател Џо Бајден за борба против паднемијата изјави дека научниците веќе подготвуваат унапредена вакцина поради мутациите во Британија и Јужна Африка кои се позаразни.

„Иако сегашните вакцини покажуваат капацитет да се борат против нив, мора да се подготовиме да ги подобриме, можеби и да ги засилиме, да направиме двовалентна вакцина која ќе се бори и против основниот тип и мутациите“, вели доктор Ентони Фаучи, директор на Американскиот национален институт за алергиски и инефктивни болести.

Руски „Спутник“, главниот конкурент на западните фармацевтски компании, наскоро ќе се произведува и во Турција. Преговорите меѓу двете земји почнале уште во април лани. Пратките стигнаа и во воените бази во Сирија каде што се имунизираат руските трупи. 

На глобално ниво, од ковид-19 починале 2,14 милиони лица.

Маја С. Филдишев