Продолжува надмудрувањето меѓу власта и опозицијата за Законот за попис

26.01.2021 14:59

Продолжува надмудрувањето меѓу власта и опозицијата за Законот за попис. Од СДСМ велат дека со усвојувањето и со потпишувањето на Указот од страна на претседателот на државата, се создадени сите нормативни услови за спроведување на оваа важна статистичка операција за развој на земјата. Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, законот е длабоко политички скроен, а дилема останува попишувањето на македонските државјани во странство...

Претседателот Пендаровски го потпиша указот за законот за априлскиот попис, но клинчот меѓу власта и опозицијата за веродостојноста на оваа операција не попушта. За СДСМ, создадената норматива за спроведување на пописот овозможува развој на земјата. Се спротивствуваат и натаму на стојалиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ поради, како што велат, неодговорноста на нивните политичари кои постојат за саботажи, поделби и блокади.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Силјановска укажува- Законот за попис е политички скроен. За неа дилема е попишувањето на македонските државјани во странство.

Откако шефот на државата го потпиша Указот, законот веднаш стапи во сила. Опозицијата прашува зошто и кому му се брза. Не отстапуваат од идејата за собирање граѓански потписи и за поништување на законот за попис.

Миле Ристески