Имунизација

Здравствените власти преговараат за 200 илјади кинески вакцини

26.01.2021 16:18

Во тек се преговорите со кинеските производители на вакцини против смртоносниот вирус. „Синовак“ или „Синофарм“, владата добила поддршка од Кинеската амбасада во земјава, министерот Филипче со став- земјава не може да чека на имунизацијата, побарани се 200 илјади дози...

Здравствените власти преговараат за 200 илјади кинески вакцини против Ковид со компанијата „Синофарм“ . Кога и по која цена ќе стигнат во земјава ќе се знае до крајот на неделата. Од Министерството за здравство велат вакцината е безбедна, се добива на класичен начин кој се користи со децении. Предност е што се чува од два до осум степени целзиусови, и лесно се транспортира. Филипче покрај со „Синофарм“, потсети и на преговорите со компанијата „Фајзер“.

„Вчера имав разговор со претставници на компанијата „Фајзер“, тие ни укажаа дека тоа што прво ќе следува од нив е дозволата да се извезе една количина од Србија. Тоа е првата количина што ќе стигне во нашата земја. Во делот на кинеските вакцини сите 200 илјади дози треба да стигнат веднаш, а тоа што чекаме како детали во овој период е точното време во кое треба да бидат испорачани“, изјави министерот за здравство, Филипче.

Со кинеската вакцина веќе се имунизираат земјите од Азија, Обединетите Арапски Емирати, Јужна Америка, а од неодамна ја користи и соседна Србија. Доколку се постигне договор со компанијата, од Министерството за здравство велат дека се подготвени за имунизацијата.

МТВ контактираше со кинеската амбасада во земјава. Оттаму потврдија дека со нивна помош се остварени контакти со производителите на вакцините „Синофарм“ и „Синовак“.

„Кина и Северна Македонија имаат блиска соработка во справувањето со епидемијата откако таа се разгоре минатата година. Кинеската страна ѝ обезбеди на македонската официјални контакти со кинеските компании кои произведуваат вакцини и ги информираше дека кинеската амбасада ќе помогне во комуникација доколку е неопходно“,  информираат од Кинеската амбасада во земјава.

Здравствените власти почнаа да преговараат и со други производители, откако „Фајзер“ не успеа да ја задоволи побарувачката. Сепак земјава не се откажува од планираните дози преку Ковакс механизмот. За в петок е најавен состанок на кој треба да се прецизира кога и колку вакцини ќе пристигнат во земјите кои аплицирале преку овој механизам. Македонија е меѓу последните земји во регионот каде имунизацијата сѐ уште не е почната.

 

Андријана Атанасовска