Легенди за ружата- кралицата на цвеќињата
За нејзиното настанување а се врзани многу легенди. Една од нив вели дека ружата поцрвенела од срам кога Адам и Ева биле исфрлени од рајот поради својот грев. Римската легенда раскажува за преубавата Роданте за чија рака жестоко се бореле бројни јунаци кои во занес на кавгите и борбите за неа ја искршиле вратата на нејзината прекрасна градина.
Кралицата на цвеќињата, присутна на најважните настани во нашите животи, култната ружа, трендафил или роза е најопеаното цвеќе. Ружите ги има во речиси сите бои на спектарот, преку 30 илјади видови.Тие се едни од најстарите познати цвеќиња. Најстариот пронајден фосил со ружа стар 35 милиони години е пронајден во Колорадо. Пред 3000 години Светата ружа на Абисинија имала посебно место во историјата на фараонот. Пронајдена е во египетските гробници исплетена како венец на главите на мумиите. Таканаречената аптекарска ружа датира уште од 12 век а се користела за подготвување лекови и препарати.
Првите рози се одгледувале во Азиските градини уште пред 5000 години, а во Европа е донесена дури за време на Римското царство. Најстариот во континуитет сочуван корен ружи се наоѓа во Германија во дворот на една катедрала и се смета дека е посаден во 9 век. Се работи за дива или кучешка(песја) ружа, која за малку не настрадала од бомба во втората светска војна . Џбунот денеска има пречник од 15 метри и изгледа импресивно..
За нејзиното настанување а се врзани многу легенди. Една од нив вели дека ружата поцрвенела од срам кога Адам и Ева биле исфрлени од рајот поради својот грев. Римската легенда раскажува за преубавата Роданте за чија рака жестоко се бореле бројни јунаци кои во занес на кавгите и борбите за неа ја искршиле вратата на нејзината прекрасна градина. Тоа однесување предизвикало голем гнев кај божицата Дијана. За да ја казни, Убавата Роданте ја претворила во роза, а додворувачите во трње.
Ружата како симбол секогаш носи порака за љубовта.
Настанувањето на црвената роза според грчката митологија е поврзана со смртта на Адонис, убавото момче-овчар во кого се заљубила Афродита. Според преданието Адонис бил смртно ранет од вепар. Заљубената Афродита за да му помогне морала да трча низ густо засадени бели ружи. Од нејзината крв тие се обоиле во црвено. Еве уште една слична легенда со Афродита која се заљубила во еден страстен ловец. Афродита го молела да не оди на лов, но тој заминал и смртно настрадал. Таа пак избезумена трчала по острите камењата раскрвавена во нозете, игнорирајќи ја физичката болка. Кога го нашла мртов, не можејќи да се помири со тоа побарала од богот Зевс да го оживее. Тој не можел да му го врати животот, но гледајќи колку многу таа го сака, направил да може секоја година да и се врати на Афродита по три месеци, а од секој капка пролеана крв создал по еден преубав, дотогаш невиден цвет- црвената ружа на љубовта.
Една од легендите за настанувањето на црвените рози е онаа што раскажува дека розите биле бели се додека славејот не се заљубил во нив и почнал преубаво да пее. Толку бил заљубен во една бела роза што дури и ја прегрнал, но тогаш еден трн му го прободел срцето, а розата поцрвенела од неговата крв.
Првата градина со ружи во Атина ја основал Епикур во 306 година пред нашата ера. Многу сакал секој ден да кине по еден цвет. На божицата на убавината, љубовта и плодноста Афродита и биле принесувани ружи на жртвеникот, а пак свештениците при сите верски церемонии носеле венче од бели ружи и поминувале по патеки посипани со цветни ливчиња од ружи.
Во Римското царство култот на ружите е сведен на највисоко ниво. Цветниот венец се користел за сите пригоди. Се кителе војсководците, оние што оделе во војна и победниците. Подоцна ружата станала симбол на радоста , на задоволството и на љубовта. Со падот на Римското царство култот на розата опаѓал. Но, со големите крстоносни походи и со проширувањето на Отоманското царство ружите се распростаниле низ Европа. Голем придонес за воздигнување на ружата дава жената на Наполеон, царицата Жозефина. Недалеку од Париз, во дворецот Мелмезон ја направила позната градина на розите во која се наоѓале најпознатите водови во светот. Нејзините градинари без визи и проблеми преминувале и во завојуваните земји и тоа од почит кон ова прекрасно растение.
Сега ги има во сите бои форми и големини, на сите трпези, и кога некој се раѓа или заминува од овој свет. Црвената е симбол на љубовта, жолтата на радоста, белата на чистотата и невиноста и затоа се присутни на сите венчавки и други прослави.
Соња Стојановска