Собранието треба да ја продолжи 32-та седница

27.01.2021 10:02

Расправата по дел од точките на дневниот ред вчера заврши, но, по нив не се гласаше поради недоволен број пратеници присутни на седницата.

Собранието денеска треба да ја продолжи 32-та седница, на чиј дневен ред има 47 точки. Расправата по дел од точките на дневниот ред вчера заврши, но, по нив не се гласаше поради недоволен број пратеници присутни на седницата.

Завршена е расправата за Предлог-законите за измени на законите за детективска дејност и за гранична контрола, како и за измените и дополнувањата на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства.

Пратениците ја завршија и расправата за дополнетиот предлог на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и за дополнетиот предлог на Законот за рамномерен регионален развој, по кои, исто така, ќе се гласа дополнително.