Во Кина вакцинирани над 22 милиони луѓе

27.01.2021 13:32

Кина, досега употреби 22,8 милиони дози вакцина против Ковид-19. Додека не се имунизира поголем процент од населението, европските држави настојуваат на построги мерки на границите. Во светот, над 100 милиони луѓе се заразени со Ковид-19...

Најнаселената земја во светот досега примени 22,8 милиони дози вакцина против Ковид-19. Според здравствените власти, Кина ќе ја интензивира кампањата и планира да вакцинира 50 милиони луѓе пред лунарните новогодишни празници во февруари и зголемените патувања.

Спроведувањето на вакцинациите се одвива на стабилен и уреден начин. Бројот на вакцинирани лица продолжува да се зголемува“, вели Зенг Јиксин- потпретседател на Националната здравствена комисија.

Националната програма за имунизација сега опфаќа медицински лица, вработени во транспортните и прехранбените услуги, како и вработени и студенти кои заминуваат во странство.

При спроведување на ограничувањата локалните самоуправи не смеат да го попречуваат патувањето на луѓето и враќањето дома. Треба да им се да дадат на граѓаните повеќе гаранции и погодност за слободно движење“, изјави Зао Ченксин, портпарол на Комисијата за национален развој и реформи.

Во Нов Зеланд, пак се надеваат дека ќе имунизираат 70 проценти од населението од средината на годината. Границите би можело да бидат затворени во текот на целата година и можно е да чекаат подолго за да се вакцинираат.

Ова е меѓународна криза со која се справуваме. Има голема побарувачка за вакцини во светот. Работиме многу напорно за да се осигураме дека ќе ги добиеме потребните вакцини тука во Нов Зеланд“, изјави Крис Хикинс, министер за одговор на Ковид-19 во Нов Зеланд.

Пандемијата на коронавирусот се чини повторно ја затвора Европа, наспроти најавите за вакцинирањето. Додека не се имунизира поголем процент од населението, европските држави настојуваат на построги мерки на границите. Франција, Германија стравуваат од ново национално затворање, Велика Британија воведува задолжителен карантин за патници од 30 земји.

Нема учебник за тоа како да се одговори на пандемијата, но ние веруваме дека донесовме правилни одлуки во вистинско време. Сега нашиот фокус е да продолжиме да и помагаме на земјата и фокусот е кон масовноста на вакцинација“, вели Роберт Енрик-државен секретар на Велика Британија за домување, заедници и локална самоуправа.

Во светот, над 100 милиони луѓе се заразени со Ковид-19.

 

Маријана Димовска