Шекеринска: Секаде одреден број лица не добиле НАТО сертификат

27.01.2021 15:33

Откако кандидатот за воен претставник во Алијансата не доби виза од НАТО, постапката ќе се повтори. Министерката апелира процесот да не се политизира. Безбедносната проверка досега покажа дека никој не сторил кривично дело...

Секоја земја што станала членка на НАТО го поминала процесот на безбедносна проверка и секаде одреден број лица не добиле НАТО сертификат, вели министерката за одбрана. Шекеринска иако директно не открива колку македонски офицери не го поминале филтерот, потенцира дека процесот не треба да се политизира. Упати остри критики до ВМРО-ДПМНЕ бидејќи како што рече, 11 години ништо не направиле за Армијата. Додаде, таму каде што треба да молчат, да не плукаат. Откако кандидатот за воен претставник во Алијансата не доби виза од НАТО, постапката ќе се повтори. Целта е повеќе лица да поминат низ процесот на безбедносна проверка, појаснува Шекеринска.

Годинава Македонија за првпат треба да испрати одреден број офицери во командите и штабовите на НАТО.

А по барање на репрезентативниот Синдикат, нова поволност за професионалните војници. По навршени 45 години, ќе може да изберат или работа во државните и локалните служби, или отпремнина од илјада евра за секоја година служба во Армијата. Законските измени ќе треба да го поминат и собранискиот филтер.

Министерката за одбрана очекува законодавниот дом многу брзо да даде зелено светло. Средствата ќе бидат од постоечкиот буџет. Иако првата година е тешка, не очекува финансиски проблеми.

Милчо Велески