Гир: Да се исполнат препораките на УНЕСКО за да се обезбеди заштита на Охридскиот регион

27.01.2021 15:51

Владата и другите надлежни институции да ги исполнат препораките на УНЕСКО за да се обезбеди соодветна заштита на овој единствен регион за следните генерации, бара Европската унија. Евроамбасадорот Гир од Охрид рече дека дава силна поддршка за сочувување на Охрид и Охридското Езеро како светско природно и културно наследство...

Зачувувањето на природното и културното наследство во охридскиот регион изискува силна посветеност на Владата за имплементација на сите препораки на УНЕСКО, што подразбира и поголема координација помеѓу одговорните министерства и другите институции, а што ќе биде поткрепено и со соодветна буџетска подршка. Ова по средбата со охридскиот градоначалник го рече евроамбасадорот Дејвид Гир, при што посочи дека ЕУ дава силна подршка за заштита на овој исклучителен регион.

„Самата мисија за сочувување на регионот за човештвото би требало да ја има подршката на сите политички субјекти. Тоа треба да биде национален зафат и активност која што ќе ги обедини сите чинители во општеството како на национално, така и на локално ниво. Поточно кажано тоа треба да биде партнерство помеѓу властите, цивилното општество, локалните заедници и бизнисите“, изјави евроамбасадорот Гир.

Охридскиот градоначалник како и многупати досега посочи дека ставањето на Листата на локалитети во опаснот не значи губење на статусот во УНЕСКО. Тоа досега се случило во два наврати, кога жителите на Дрезден на референдум одлучиле така и во Оман кога владата заштитеното подрачје го претворила во индустриска зона.

„Ставањето на Охрид на Листата во опасност не е никаква трагедија како што е претставено во јавноста. Доколку се случи такво нешто ние треба да ги дуплираме нашите напори и како локална самоуправа и како држава да направиме план сите препоираки кои што се да ги имплементираме“, изјави Константин Георгиевски- градоначалник на Охрид.

Георгиевски не сакаше да прогнозира дали на сесијата на УНЕСКО во јуни Охридскиот регион ќе биде ставен на Листата на заштитети подрачја во опасност, бидеќи како што рече, и досега имало такви предлози, но тоа не се случило.

 

Сашо Нелоски