Отворен ден во Секторот за внатрешна контрола на МВР
Отворен ден во секторот за внатрешна контрола на МВР. Присутните граѓани се информираа за начините за поднесување претставки ако почувствуваат дека се обесправени.

Најчесто се жалат дека полициските службеници не се однесувале професионално и употребиле прекумерна сила.
„Нас не радува фактот што низ еден транспарентен процес на работа граѓаните се повеќе се охрабруваат да го кажат своето мислење тогаш кога ќе се почуствуваат дека на кој било начин се обесправени. Тие доаѓаат во полицијата“, рече министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Јанкулоска на средба со невладиниот сектор разговараше како да се подобри меѓусебната комуникацијата во пресрет на претстојните избори. Беше промовиран проектот „Превенција за време на избори“.
„Нашата организација почнувајќи од овој изборен циклус, почнува со перманентна грижа за превенција во рамките на изборниот процес и во оваа смисла ќе оствариме соработка со изборните штабови на сите релевантни партии. Ќе бидат вклучени 70 наши активисти во целата земја и ќе имаме завршен извештај кој ќе биде доставен до сите институции, политичи партии и меѓународните посматрачи“, нагласи Нелко Нелковски – претседател на Македонскиот центар за култура и развој.
Статистиката покажува дека од 2006-та година, во над 600 случаи, Секторот за внатрешна контрола поднесол кривични пријави против вработени во МВР.
Наташа Гркова-Петрушевска
