Дитрих: Македонските компании се отворени за соработка

17.03.2014 16:31

Јован Дитрих, експерт во пензија е дел од тимот консултанти што ги ангажира Владата да им помогнат на домашните бизниси да станат поефикасни, да го подобрат производството, пристапот на рекламирање и да отворат нови врати на странските пазари...

По 40 години кариера во реномирани странски ИТ компании дојде да понуди стручна помош за зголемена профитабилност на македонските фирми. Јован Дитрих, експерт во пензија е дел од тимот консултанти што ги ангажира Владата да им помогнат на домашните бизниси да станат поефикасни, да го подобрат производството, пристапот на рекламирање и да отворат нови врати на странските пазари.

„Имам 40 години професионално искуство во Кина, Колумбија, Романија, Германија. Работиме хонорарно, ние сме еден вид волонтери. Ги нудам своите искуства стекнати во моето работење. Првиот впечаток е дека македонските компании се отворени за соработка“, рече Јован Дитрих, експерт од Германија.

Германскиот експерт веќе три дена ја скенира работата на Инфинити солушн, софтверска компанија, 80 насто ориентирана кон извоз. Менаџментот решил да го прошири од Велика Британија и Холандија кон Германија.  Добива бесплатна експертска помош да ги подобри маркетингот, менаџирањето и развојот на софтверот – три области за кои аплицирал.

„Добиваме информации кои за нас се нови во континентална Европа, значи Германија и тој дел околу кои работат на друг принцип и за нас се добредојдени, и на некој начин да се преслушаме дали може да се подобриме да направиме некој друг модел и се надеваме дека г-дин Дитрих ќе ни помогне во тој дел и ќе ни даде и други контакти со неговите бивши клиенти“, вели Слаѓан Михајловски, менаџер на компанијата.

Првите петнаесетина експерти пристигнаа во Македонија. Во првиот повик стотина компании побарале познати консултанти од Холандија и Германија. Тимовите парктичари  ќе доаѓаат секои 45 дена.

 

Сузана Фиданска- Стоевска