19,5 милиони евра за рурален развој
Вкупно 19,5 милиони евра годинава ќе можат да се искористат за рурален развој. Младите земјоделци за основање на сопствен бизнис ќе добијат грант од 20.000 евра, а финансиска поддршка е предвидена и за жените носители на земјоделско стопанство...

Годинава на земјоделци им стојат на располагање 19,5 милиони евра од Програмата за рурален развој. Младите кои ќе почнат сопствен земјоделски бизнис ќе имаа право на 20.000 евра за корисник, или вкупно за помош на младите фармери се предвидени 30 милиони денари.
За набавката на добиток се обезбедени 25 милиони, за трактори 5,3, за подигнување нови насади 12, и 10 милиони денари за бунари и за системите капка по капка. Вкупната поддршка за поттикнување на земјоделско производство изнесува 35 милиони денари и е неповратна помош за зголемување на дејноста на семејните стопанства. Грантот може да биде до 1,2 милиони денари и се исплаќа според реализација на инвестицијата најмногу на три годишни рати.
За инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделските производи, се предвидени 6 милиони денари. Корисници се мали, микро, средни претпријатија и земјоделски задруги кои имаат договори со платежната агенција за користење на ИПАРД средствата. Висината на поддршката е 100 проценти од инвестицијата во форма на предфинансирање, а средствата треба да се вратат на 8 годишни рати.
За реализација на мерките од Програмата за рурален развој, Платежната агенција објавува јавни повици, а еден барател може да користи пари најмногу од две мерки.
Методија Трајков
