Состојбата со корупцијата во земјава се влошува

28.01.2021 12:31

Најнова ранг листа за состојбата со корупција на „Транспаренски интернешнл“. Годинава земјава е на 111-то место или за четири места подолу од лани. Според претседателката на „Транспарентност Македонија“, Слаѓана Тасева, земјава е на последното место на Западен Балкан, а во светски рамки во друштво на земји како Монголија и Панама...

Во земјава состојбата со корупцијата се влошува. Годинава сме на ниско 111 место или четири места подолу од претходната, што претставува најлош резултат од 2001-ва, кога првапат се рангиравме според композитниот индекс на перцепција на корупција.

Според истражувањето на реномираната „Транспаренси интернешнл“, областа во која бележиме пад од цели два индексни поени е владеењето на правото и правдата како и човековите права. Најголемиот проблем е што кај властите постои само декларативност , но не и вистинска волја за спроведување на законите, велат од македонската филијала на глобалната коалиција. Тоа најдобро се отсликува во незавршените судски случаи на висока корупција која останува недопирлива за органите на прогон и за правдата.

На последното место на Западен Балкан и во светски рамки во друштво со Монголија и Панама, Македонија не сторила ништо за зајакнување на постпаките за конфискација и враќање на она што е украдено од граѓаните, додава Тасева.

Ковид кризата, пак, дополнително ги изнесе на виделина сите недостатоци на здравствените ситеми, институциите и организацискиот потенцијал на земјите кои се длабоко зафатени од корупцијата, е констатацијата произлезена од новите податоци кои се опфатени со последното истражување. Претходно, земјата имаше најголем пад во 2015-та, кога од 66 падна на 90 позиција.

 

Фиљана Кока