КОВИД-19

Рекорден број починати како последица на Ковид-19 во 24 часа

28.01.2021 13:39

Рекорден број починати од Ковид-19 во светот. Во еден ден битката со вирусот ја загубиле над 18 илјади заболени. Британската мутација на вирусот е присутна во 70 земји...

Нов црн рекорд од над 18.000 починати од Ковид-19 во изминатите 24 часа. Вкупниот број пријавени случаи во светот надмина 100 милиони. На глобално ниво се регистрирани 2,16 милиони починати.

Мутациите кои се позаразни од првичната варијанта веќе се проширија во седумдесетина земји. Норвешка е една од нив  и викендов ги затвора границите.

„Од утре на полноќ ќе се воведат најстрогите правила за влез од 12 март лани. Границата се затвора за секој што не живее овде. Владата се согласува со проценката на Институтот за јавно здравје дека ова е соодветна мерка бидејќи состојбата во Норвешка значително се разликува од оваа во повеќето земји“, изјави Ема Солберг, премиер на Норвешка.

Европа останува меѓу континентите со најмногу заболени. Иако почнаа со имунизација на населението, повеќето земји се принудени дополнително да ги заоструваат рестрикциите поради недостиг од доволен број дози. Спорот меѓу ЕУ и фармацевтската компанија „АстраЗенека“ се продлабочува, а проблеми со производството и намалени количества најавија и „Фајзер“ и „Модерна“. Обединетите Нации инсистираат СЗО да ја одобри и руската вакцина. Во септември лани, претседателот Владимир Путин изјави дека неговата земја е подготвена бесплатно да испорача дози од „Спутник“.

„Губиме луѓе секој ден, тие не се бројки и статистика, тие се личности со семејства, пријатели и колеги кои се засегнати од сето ова. Фармацевтските компании, производителите на вакцините имаат морална, општествена и договорна обврска која мора да ја исполнат“, вели Стела Киријакидес, Европски комесар за здравство и безбедност на храна.

Јапонија забрзано се подготвува за старт на имунизацијата на населението од крајот на февруари, што е предуслов за одржување на Олимпијадата во Токио. За организаторите, главното и единственото прашање не е „дали“, туку „како“ ќе се одржат игрите во јули.

„Нашата задача е да ги организираме, а не да ги откажеме Олимписките игри. Наша задача е да им ги оствариме соништата на спортистите. Поради тоа работиме деноноќно за да организираме безбедна Олимпијада во Токио“, изјави Томас Бах, претседател на МОК.

Тимот на Светската здравствена организација во кинескиот град Вухан излезе од карантин и почнува теренска истрага за  потеклото на вирусот.

Западните земји го обвинуваа Пекинг за несоодветно справување со пандемијата. Кина категорично ги отфрлаше тврдењата против неа и одбиваше независна истрага.

Повеќето експерти веруваат дека новиот коронавирус бил пренесен од лилјак на друго животно, а потоа стигнал и до човечкиот организам. Првиот случај со Ковид-19 беше регистриран лани во декември.

 

Маја С. Филдишев