Полицијата почна да апси за случајот „Јавна соба“
МВР приведе две лица поврзани со случајот „Јавна соба“. Премиерот се закани со затворање на сервисот „Телеграм“, доколку не го затвори каналот, а шефот на државата бара ефикасност на институциите и казнување на престапниците...
Полицијата почна да апси за „Јавна соба“. Битолчанец и велешанец се приведени, се трага и по други кои биле дел од групата на апликацијата „Телеграм“, во која споделувале експлицитни фотографии и контакти од малолетни девојки. МВР се координира со Обвинителстворо за целиот случај.
Претседателот Пендаровски побара итна акција од институциите за да се заштити приватноста. „Доколку не се дејствува сега, се создава можност за креирање култура на неказнивост за кривични дела со кои се уништуваат животите на илјадници жртви“, предупреди шефот на државата. Пендаровски побара да се пронајдат и казнат престапниците, но и да се покаже солидарност и да им се даде поддршка на жртвите, за да не се дозволи нивна двојна виктимизација.
Реагираше и премиерот Заев. Од „Телеграм“ е веќе побарано да ја избрише групата, доколку тоа не се случи, аплицијата ќе биде блокирана во земјава.
„Сакам да упатам порака и до сите наши граѓани кои споделуваат слики и содржина на таа група во сопственост на други сограѓани, во истиов момент да престанете да го правите тоа и да излезете од таа група. На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите“- вели Заев.
Реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните не се заштитени и не се безбедни со ваков министер и се оставени сами на себе. Затоа изразуваме поддршка за сите граѓани кои се жртви на овој систем на неспособност и ги убедуваме дека сѐ додека е СДСМ на власт, ќе бидат само предмет на злоупотреба“, изјави портпаролот Арсовски.
Комуниколозите со став – ваквите постапки да добијат приоритет на брзо решавање и санкционирање од страна на институциите. Да се води бескомпромисна борба за да се заштити приватноста. Кордалов потенцира дека едукацијата треба да биде насочена кон потенцијалните злоставувачи, а не кон жртвите.
Марина Стојанова- Тонева
