Атина сака да го олесни решавањето на разликите меѓу Скопје и Софија

28.01.2021 15:17

Атина сака да го олесни решавањето на разликите меѓу Скопје и Софија, најави министерот за надворешни работи Дендиас. Во интервју за „Евроњуз“, Дендиас нагласил дека Грција цврсто верува во европската перспектива на Западен Балкан...

Грција сака да го олесни решавањето на разликите меѓу Скопје и Софија. Ова, во интервју за „Евроњуз“ го изјави шефот на дипломатијата на соседната земја, Никос Дендиас, одговарајќи на прашањето дали е загрижен дека бугарското вето може да го доведе во ризик и Преспанскиот договор. Дендиас вели дека Грција силно верува во европската перспектива на Балканскиот Полуостров и Западниот Балкан.

„Бидејќи сме пријатели и со Бугарија и со Северна Македонија, ќе се обидеме да го олесниме решавањето на нивните разлики на било кој начин. Веруваме дека сите земји од Блаканот ќе имаме заедничка иднина. Сигурен сум дека сите ќе го ценат тоа“, изјави Дендиас.

Прашан за тоа дали ќе преземе конкретна иницијатива, Дендиас вели дека иницијатива е премногу силен збор, но дека ќе се обидат да помогнат бидејќи биле пријатели со сите.

Посилен и поотпорен Западен Балкан води кон посилна и поотпорна Европска унија, истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во обраќањето на Форумот на европскта стратегија за Јадранско- јонскиот регион. Димитров информира и дека на патот кон Унијата, Македонија е особено посветена на регионалната соработка на земјите од Западен Балкан.

Марија Котовска