Расте цената на становите во Охрид и Струга
Расте цената на становите во Охридско- струшкиот регион. Во Охрид цената на станбениот квадрат на најатрактивните локации достигнува 1.500 евра, а во Струга до 800 евра. Граѓаните се жалат на нарушување на квалитетот на живеење, а градот најави дека на барање на УНЕСКО, во иднина новоградбите нема да бидат повисоки од четири ката...

Мораториумот за градба и Планот за управување со природното и културното наследство драстично ги зголеми цените на становите во Охрид. Причината е што речиси една година не се носеа урбанистички планови, а сега истите мора да бидат во согласност со препораките на УНЕСКО. Во одредени зони на брегот на Охридското Езеро забранета е градба, а надвор од центарот значително се намалени габаритите на новите станбени објекти.
Цената на метар квадратен во центарот на Охрид или на брегот достигна до 1.500 евра.
„Значителен пораст на цените од 20 до 30% којшто се должи на забелешките на УНЕСКО и новиот план на управување со градот. Во централното градско подрачје цените се моментано од 1.300 до 1.500 евра“, вели Наташа Спасеска- Цветкоска, сопственик на Агенција за недвижности.
Во соседна Струга состојбата е поинаква. Становите на струшкото крајбрежје се двојно поевтини.
„На струшкото крајбрежје, цените се од 700 до 850 евра, односно некаде соодносот со центарот на Охрид доаѓа еден спрема два“, додава Спасеска.
Охриѓани сметаат дека во градот веќе не треба да се градат висококатници.
„Ние никогаш не сме имале магли, а сега веќе со тие згради сѐ се нарушува“, вели една охриѓанка.
„Откако се изградија зградите цела улица Јане Сандански нема природен провев. Порано во летно време со јорган се спиеше“, вели друг охриѓанец.
„Зградите една од друга се оддалечени по пет метри што навистина ваква инфраструктура не ни треба“, додава трет.
Согласно препораките на УНЕСКО забранета е градба во близина на крајбрежието , најголемите градби во иднина нема да бидат повисоки од четири ката.
Соња Рилковска
