Откупот на тутун влегува во втора фаза, цената останува иста

28.01.2021 15:43

Една од најпроблематичните и најтешка откупна кампања на тутунот влезе во втората фаза. Речиси две третини од договорените 23.000 тони во земјава се откупени. Цената останува иста, како и дел од проблемите. Ќе се запази законскиот рок, ако се купува и во саботи во најпроблематичните реони, како Долненскиот. Сојузот на земјоделските здруженија бара откупувачите да престанат да купуваат тутун според шифри, што е најголем проблем за дел тутунари...

Една од најтешките откупни сезони на тутунот и во втората фаза останува со проблеми. Две третини од договорените 23.000 тони се купени со иста, неподобрена цена. Долненскиот, Кривогаштанскиот и Крушевскиот регион остануваат како најтешки, каде најмалку е купен тутун, по една третина. Таму треба пунктовите да останат отворени и во сабота, бара Сојузот на земјоделските здруженија.

Дел откупувачи генерираат проблем. Купуваат тутун според шифри, а не според класи, па остануваат празни договори и поголем вишок од реалниот.

Од Прилепскиот комбинат уверуваат - ги надминале проблемите со документацијата и набавката на картони, и го преземаат тутунот од кооперантите на Далија табак.

Досега, во прилепско 2.000 тутунари пријавиле вишок од 2.700 тони. Пријавувањето е до 5-ти февруари, за да се преземе во втората половина на наредниот месец.

 

Елизабета Митреска