Кои ткаенини се штетни за нашата кожа?

28.01.2021 15:51

Добро е да се знае кој текстил како делува на нашата кожа и кој е најлоша варијанта. Најризични се ткаенините што доаѓаат од истокот...

Пазарот е преплавен од ефтини производи од текстил и може да се најде се и сешто, но, за каков состав се работи дали е синтетика, или природен материјал, што се содржи, дали има алергенси, иритирачки супстанци штетни за нашето здравје, некои за кожата, некои за дишењето. Не е баш лесно да се одбере облека и да се избегне онаа на која предупредуваат стручњаците дека може скапо да не чини. Добро е да се знае кој текстил како делува на нашата кожа и кој е најлоша варијанта. Најризични се ткаенините што доаѓаат од истокот. Штом се спомне бамбусот се јавуваат асоцијации на мека пријатна ткаенина, но таа не е таква во својот изворен облик, таа е крута и груба ткаенина. Во процесот на претворање во негова нежна варијанта  се ослободуваат хемикалии - јаглерод дисулфид, натриев хидроксид, сулфурна киселина, кои се многу опасни супстанци, особено  за репродуктивното здравје.

Волната иако е природен материјал не е секогаш поволна, особено ако е лошо обработена. Често може да ги иритира оние со чувствителна  кожа, може да предизвика егземи, тврдат лекари од клиникта  Мајо во САД и на организацијата Лајв  саенс. Тие велат дека и здрава кожа може да настрада, освен ако волната не е  мерино со фина обработка...

Синтетиката не треба посебно да се коментира. Таа е најефтина, најлесна за производство, не се гужва, поотпорна е на валкање и не ја јадат молци.  Таа предизвикува најмногу проблеми на кожата. За жал најголемиот дел од индустријата за текстил се заснова на синтетика. Најмногу облека е направена од акрил, полиестер, рајон, ацетат и најлон. Третирани се со безброј штетни и отровни хемикалии во текот на производството, а најштетен е полиестерот, објавува Саенс Дејли. Сите хемикалии користени во производството се активираат на кожата при влага, топлина  и потење.  Синтетичките материјали не и дозволуваат на кожата да дише, а тоа го доживеал секој од нас особено во лето, кога потењето е поинтензивно.

Штетни се сите ткаенини кои не се гужваат  па иако не се синтетички во голем дел , таа своја особина ја должат на долго чување во опасната материја формалдехид . Саенс Дејли информира дека се работи на пронаоѓање методи за да го исклучат формалдехидот и другите силни хемикалии, но дотогаш пожелно е да внимаваме што носиме, да се ориентираме кон природни материјали, кои му дозволуваат на нашето дело да дише здраво без иритации, алергии и токсични материи.

Ткаенините од кои е направена облека во винтиџ  или винтаж- стил модерен последниве неколку години, исто така  носи ризици за здравјето. Старите ткаенини и крзна, ако не се темелно исчистени и правилно чувани, ако имаат куп прашина и други нечистотии, може да бидат многу опасни и да предизвикаат осип. Задолжително треба да се носат на хемиско чистење.

Што може да се носи без опасност за здравјето? Најпогоден и најпријатен е памукот, особено органскиот, мерино волна, ткаенини од влакна на коноп, кашмир, свила, алпак и лен.

Соња Стојановска