Поддршка за жртвите од „Јавна соба“, а не осуда
Да им дадеме поддршка на жртвите од „Јавна соба“, а не да ги исмејуваме и осудуваме, порачуваат стручните лица. Тие анализираат дека општеството вообичаено ја напаѓа жртвата и наоѓа проблем кај неа, а го оправдува злоставувачот. Затоа велат мора да се создаде околина во која, жртвите ќе се охрабрат да зборуваат, а не да се стигматизираат.

Не стивнуваат реакциите за групата „Јавна соба“, откако неколку девојки одлучија јавно да ја споделат приказната и да побараат помош од надлежните. Жртвите на социјалните мрежи добија поддршка, но и исмејување и осуда. Стручните лица сметаат дека токму ова е една од причините зошто тие вообичаено молчат и се срамат да го споделат своето искуство. За околината велат, реагира како што досега била научена, да ја напаѓа жртвата и да наоѓа проблем кај неа, а да го оправдува злоставувачот.
„За жал се релативизира улогата на жртвата од тип сама си го барала, зошто се сликала, зошто покажувала и слично. Сето тоа е злоупотреба и еден вид од психопатолошки аспект еден вид на воајеризам, каде што се гледаат туѓи тела, фотографии, интимни моменти и сето тоа се злоупотребува за некое лично задоволство, покривање на некои лични фрустрации“, посочи Андриана Богдановска Тоскиќ, психијатар- психотерапевт.
Според психолозите повторното обвинување на жртвата е типично за општество, каде длабоко се вкоренети традиционалните родови улоги. Сметаат дека мора да се создаде околина во која, жртвите ќе се охрабрат да зборуваат, а не да се стигматизираат. Во тоа велат образованието има значајна улога. Нагласуваат и дека жртвите од Јавна соба, особено средношколките не смеат да бидат оставени сами да се справат со товарот.
„Голем проблем е жртвите да излезат да кажат дека нешто им се случило уште поголем е проблем како тие ќе се справат со реакциите на општеството потоа. Колку повеќе зборуваме на оваа тема, толку повеќе ќе најдеме и начини и механизми како да се справиме со ваквата ситуција. Кога жртвата зборува и кога општеството го прифаќа случајот таков каков што е без сопствени проекции ќе созададеме плодна околина“, вели Мартина Костовска, психолог.
Промовирањето на успешни процеси во кои злоупотребувачите добиле соодветна казна, исто така ќе ги охрабри и другите жртви да проговорат. Кога ќе соберат храброст да зборуваат, општеството треба да им даде поддршка.
Елена Георгиевска
