На повидок решавање на проблемот со водоснабдувањето во Струга
На повидок е решавање на проблемот со водоснабдувањето во Струга. Од градскиот водовод најавија и замена на старите азбестни цефки со нова водоводна мрежа. Стружани со години наназад се соочуваат со недостиг на вода, за што пред неколку месеци организираа и протест.

Конечно ќе се реши проблемот со водоснабдувањето во Струга. Сопственикот на хидроцентралите во Горна Белица, во договор со ЈП Водовод Струга се обврзал со заеднички тимови да ја скенираат состојбата на каптажите и да обезбедат чиста вода за граѓаните. Надлежните најавија и еднаш месечно чистење на резервоарите.
„Составивме две групи тимови од наша и нивна страна за да се согледа каква е ситуацијата. Ќе се направи стратегија да се реши проблемот еднаш засекогаш“, вели Дашмир Насуфи, директор на ЈП Водовод и канализација Струга.
Од Вдовод Струга најавија и замена на старите азбестни цефки со нова водоводна мрежа.
„Веќе е почнато ама ќе продолжиме со подолги линии за да се реши проблемот. Да се повлечат азбесните цефки да се стават нови по стандарди“, додава Насуфи.
Водата во Струга половина месец беше заматена и забранета за пиење и хигиена, а години наназад стружани се соочуваат со недостиг на вода за што пред неколку месеци организираа и протест.
Соња Рилковска
