Собрание

Државниот врв, директорот на статистика и градоначалниците на работен состанок за пописот

29.01.2021 16:16

Државниот врв, директорот на статистика и градоначалниците, во Собранието на работен состанок за пописот. Од Државниот завод за статистика ги информираа претставниците на локалната самоуправа за нивните должности кои произлегуваат од Законот за попис. Власта најавува статистичка операција според европските стандарди, ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за собирање граѓански потписи за поништување на законот...

„Проблемите со спроведување на пописот не се ниту законски, ниту уставни, ниту технички, ниту здравствени, туку најголем проблем може да биде непотребната политизација“- оценка на шефот на Државата Стево Пендаровски. Очекува сите да бидат на висина на овој историски предизвик и да не се оспорува процесот кој ќе биде тест за зрелост на државата. Посочи- она што навистина треба да нѐ плаши е бројката на иселени.

Пописот не е и не смее да биде политичка операција, рече спикерот Џафери. Премиерот Заев, пак, ја повика опозицијата да ја поддржи пописната операција.

Методологијата за пописот е готова и во детали го објаснува целокупниот процес на спроведување на пописот вели, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Со пописот, општините ќе добијат можност да ја планираат иднината и развојот, а самиот попис нема да чини многу, вели претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов.

За престојниот попис кој треба да се одржи од 1 до 21 април, во законодавниот дом државниот врв и градоначалниците на работен состанок. Беа брифирани од претставници на Државниот завод за статистика за непречено организирање на пописот.

 

Наташа Гркова- Петрушевска