Пандемијата го зголеми интересот за самовработување
Иако пандемијата му нанесе огромни штети на охридското стопанство, податоците од Центарот за вработување од Охрид покажуваат дека бројот на невработени лица незначително е зголемен. Од владините сет мерки, најискористена била онаа за субвенционирање на плати, а најмногу охрабруваат информациите дека младите лица покажале голем интерес за самовработување со грант, односно отворање на сопствен бизнис...

Минатата година во услови на пандемија еден од најголемите предизвици беше како да се сочуваат работните места и во истовреме да се создаваат можности за отворање на нови. Една од најуспешните активни мерки кои ги реализира Центарот за вработување од Охрид беше онаа за самовработување со грант. Младите невработени лица покажаа огромен интерес , а оние кои ги исполнија условите за користење на оваа мерка отворија сопствен бизнис и опстојуваат и покрај сите предизвици со кои се соочуваат поради здравствената криза.
„Оваа мерка ја искористија 44 невработени млади лица кои отворија или регистрираа 37 фирми. За оваа мерка на ниво на општина Охрид, а во соработка со Центарот за вработување беа потрошени вкупно 13 милиони и 530 илјади денари“, изјави Пецо Павловски, раководител на Центар за вработување-Охрид.
Има зголемување на невработеноста поради затворањето на некои бизниси. Сепак голем број од невработените лица за прв пат се евидентирале во Центарот за вработување.
„Во услови на пандемија имаме незначително зголемување на невработеноста, меѓутоа можам слободно да кажам дека најголем дел од тие се јавија заради искористување на мерки и субвенции што ги даваше владата“, додава Павловски.
Покрај мерката за самовработување со грант најискористени беа оние за субвенционирање на плати и финансиска подршка на мали и средни претпријатија. Преку нив и останатите мерки во охридското стопанство се вбризгаа 27 милиони и 410 илјади денари што придонесе да се амортизира ударот што на стопанството му го нанесе пандемијата.
Сашо Нелоски
