Воен удар во Мјанмар, уапсени претседателот и премиерката
Војската ја презеде контролата врз државата...

Војската во Мјанмар изврши државен удар против цивилната влада на Аунг Сан Су Чи која е уапсена на денот кога парламентарците требаше да се вратат во Законодавниот дом за прв пат по изборите во ноември, кои според војската, се фалсификувани. Приведен е и претседателот Вин Мјинт.
Армијата прогласи вонредна состојба, а власта му е предадена на главниот командант на оружените сили, генерал Мин Аунг Хлаинг. Поради неизвесноста од последните случувања, метеж од народ пред продавниците и банкоматите. Привремено беа прекинати телекомуникациските врски.
Националната лига за демократија на Су Чи доби 83% од 476 места во Парламентот, но војската тврди дека открила десет милиони случаи за измама и побара од изборната комисија да бидат објавени листите.
Нејзината влада се обиде да го смени сегашниот устав кој се смета за контроверзен бидејќи со одредбите на армијата ѝ се дава контрола врз три големи министерства.
„Го користат уставот од 2008 година напишан од војската за војската, донесен на лажен референдум истата година. Повторно владата е на милост на војската која всушност никогаш не се откажа од моќта“, изјави Фил Робертсон, заменик-директор на ХРВ во Азија.
„Ова е крај на политичката кариера на Су Чи. Покрај тоа, таа има и здравствени проблеми. Не и веруваат, не им се допаѓа и не сакаат да има улога во иднината на земјата. Ослободувањето од неа или нејзиното исклучување од процесите е суштински дел на нивниот план за играта“, рече Лери Џaгaн, независен аналитичар.
Политичките тензии ескалираа минатата недела. Нови избори се најавени по завршувањето на вонредната состојба.
