Политика

ВМРО-ДПМНЕ со интерпелации за Николовски и Маричиќ

01.02.2021 15:49

Опозицијата покрена постапка за интерпелација на вицепремиерот Николовски и министерот Маричиќ. ВМРО-ДПМНЕ ги посочи како најодговорни за високата корупција. За СДСМ - барањата се неосновани, политичките противници лицемерни...

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ со две нови интерпелации за функционери во владата на Заев. На тапет, министерот за правда Бојан Маричиќ и одговорниот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.

„Двајцата се  најодговорни за корупцискиот жив песок во кој што тонеме, како веројатно најкорумпираната европска држава и една од најкорумпираните во светот“ – ја образложи интерпелацијата Гордана Силјановска- Давкова. Опозицијата го посочи 111-то место на листата на корупција на „Транспаренси интернешнл“ и неуспешноста на власта да се справи со оваа појава.

Социјалдемократите возвраќаат, ВМРО-ДПМНЕ е симбол за криминал и корупција, интерпелациите се неосновани.

Лицемерно и лажно е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за корупција кога токму оваа партија е синоним на коруптивно дејствување, провизии од тендери и незаконско финансирање на партијата. Уште поголемо лицемерие е пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да зборуваат за партиска држава, кога токму за време на нивното владеење бевме категоризирани како заробена држава, возврати Калевска- Ванчева од СДСМ.

Претходно опозицијата поднесе интерпелација и за вицепремиерот за европски прашања никола Димитров, но за неговата работа собранието треба да расправа в среда.

 

Миле Ристески