Прилеп

Без голема динамика, тутунот нема да се откупи

01.02.2021 16:35

Откупот на тутунот и натаму го следат проблеми. До крајот на месецов родот треба целосно да се откупи. Но, тутунарите се жалат: динамиката е слаба и не може да се купат уште околу 7.000 тони договорени и речиси 4.000 тони вишок тутун. Иницијативниот одбор на тутунарите бара средба во Министерството за земјоделство...

Има уште 20 работни дена за да се откупи тутунот, но со оваа динамика е невозможно. За откуп се уште 7.000 тони од договорениот и речиси 4.000 тони од вишокот тутун. Наместо да ја зголемат, откупувачите ја намалуваат динамиката, констатира Иницијативниот одбор на тутунарите. Се бара итна средба во Министерството за земјоделство.

Најпроблематично е во Долненско каде од околу 9.000 тони, се купени само 35 насто. Со денови се чека, се бараат ургенции за откуп и има немили ситуации.

Иницијативниот одбор бара точката за состојбите со тутунот да биде на дневен ред на Собрание, а средствата од петиот пакет мерки за тутунарите да бидат по килограм предаден тутун. Не се откажуваат од 100 денари субвенции за сите класи и најавуваат формирање земјоделски здруженија.

 

Елизабета Митреска