Политика

ВМРО- ДПМНЕ од утре почнува постапка за одложување на пописот

02.02.2021 14:36

ВМРО-ДПМНЕ од утре ќе ја почне постапката за одложување на пописот на населението, а формалното собирање потписи oд граѓани ќе стартува идниот месец, соопшти лидерот на партијата, Христијан Мицкоски. Ја повика власта да не ги изложува граѓаните на, како што рече, ризик од заразување со Ковид-19 и го повтори предлогот да се прифати електронскиот начин на спроведување. Од СДСМ велат дека за да се добијат сите релевантни податоци, потребен е комбиниран модел на попис...

ВМРО - ДПМНЕ од утре почнува со процедура за собирање на потписи со која ќе се оспори донесениот Закон за попис. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски повика пописот наместо физички, да се спроведе целосно електронски. Додаде дека ја разгледале процедурата за собирање на потписи и таа започнува со иницијатива од 100 потписи во подрачните единици од Државната изборна комисија.

Власта најавува попис по сите меѓународни стандарди, со што институциите ќе добијат прецизни, релевантни податоци важни за идно креирање на политики и стратегии. За да ги добиеме сите релевантни податоци потребен е комбиниран модел на попис, велат од СДСМ. Како што рече Каевски, само електронски попис не е доволен за да се добијат комплетни податоци какви што се потребни, според Евростат и меѓународните стандарди.

Пописот треба да се спроведе од први до 21-ви април.

 

Александра Спировска