Финансиска поддршка за набавка на добиток

03.02.2021 10:02

До 28-ми февруари тече рокот за поднесување на барања за поддршка за набавка на добиток. Сточарите кои ги исполнуваат условите имаат право на враќање на средствата во висина од 50 до 75 проценти од вредноста на инвестицијата или најмногу до 6,5 милиони денари по корисник...

Неповратната финансиска помош изнесува најмалку 50 проценти од трошоците за набавката на добиток од увоз или од признати организации на педигрирани машки и женски приплодни грла, овци и кози за периодот од 1 септември до 31 декември 2020 година. Последниот рок за поднесување на барањата е до 28-ми февруари.

Стапката за ко-финансирање се зголемува и изнесува 55 проценти за млад земјоделец, 60 за во неразвиените подрачја па до 75 проценти за вложувањата во тешко достапните рурални заедници.

Аплицирањето е по електронски пат, а еден фармер може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две од целата Програма за рурален развој.

Корисниците на средства треба да ги имаат платено сите финансиски обврски кон Министерството за земјоделство како и долговите кон Јaвното претпријатие за стопанисување со пасишта и водниот надоместок .

Апликациите со ист број на бодови ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на електронското барање.

 

Методија Трајков