Собранието расправа за интерпелација на вицепремиерот Димитров

03.02.2021 12:38

На денешното продолжение на 30-та седница на Собранието на дневен ред е интерпелацијата на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров. Барањето е поднесено од 37 пратеници на опозицијата...

Во законодавниот дом почна расправата по интерпелацијата за работата на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Николовски, образложувајќи ги причините за интерпелацијата, истакна дека очекува таа да биде прифатена поради, како што рече, тоталното фијаско со европските интеграции на државата што е целосно спротивно на ветувањата на владејачкото мнозинство.

Ова владејачко мнозинство како ветување број 1 имаше почеток на преговори за членство во ЕУ. Тоа што на почетокот на февруари 2021-ва дебатираме тука во Собранието во услови кога Македонија воопшто не почнала преговори за членство и крајно е неизвесно не само кога и дали воопшто ќе ги почне, е најголемо фијаско што можеше да ѝ се случи на оваа Влада, рече Николовски, дополнувајќи дека за ваквата состојба најодговорни се Димитров и претседателот на Владата.