ЕУ заостанува во глобалната трка за вакцини
ЕУ најави подготвеност за соработка и со Кина и со Русија доколку бидат исполнети одредени критериуми околу вакцините. Европската унија ќе бара негативен тест за Ковид-19 за сите патувања од трети земји. Исклучок ќе бидат вработените во: транспортот,граничните служби , морепловците кои ќе можат да влезат со брз антигенски тест...

Иако ЕУ беше меѓу првите кои се изборија за договор за вакцини против Ковид-19, блокот заостанува во глобалната трка за имунизација којашто почна пред речиси една година. Задачата за процесот ја презеде Европската комисија, која според дел од критичарите, во пандемијата видела и можност за зголемување на моќта со градење на т.н. „Европска здравствена унија“.
И додека директоратот за оваа област, предводен од комесарката Стела Киријакидес, без соодветно искуство и експертиза за справување со сериозна здравствена криза, дебатираше околу цените и договорите, САД, Израел и Британија зедоа залет. Договорот беше склучен со шест компании, но потегот се покажа како преамбициозен со оглед на превидот кој е направен околу потенцијалните проблеми кои станаа реалност.
Вниманието на Брисел полека се пренасочува кон Истокот. Изразена е подготвеност за соработка и со Кина и Русија доколку бидат исполнети критериумите. Унгарија беше првата членка која склучи договор за производство на „Спутник“ и набавка на „Синофарм“.
„Критериумите за избор за вакцина се наведени во нашата стратегија. Постојат различни критериуми, а еден од нив е компанијата да има производствен капацитет во рамките на ЕУ. Целта е да се осигураме дека ќе имаме брза достава, односно уште на денот кога вакцината би добила зелено светло“, изјави Стефан де Кирсмикер, портпарол на ЕК.
На европскиот континент, вакцинација се спроведува со најбрзо темпо во Британија. По неа следува Малта којашто е единствената членка на ЕУ во првата четворка. Исланд и Србија се на следните две места.
Израел веќе имунизираше над три милиони жители што е една од највисоките стапки пер капита на глобално ниво.
„Поставив национална цел за излез од короната, да се вакцинираат најмалку 90% од луѓето над 50 години во рок од две недели. Оваа цел е остварлива бидејќи во моментов се вакцинирани 77%“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Забрзана динамика и во САД. Од идната недела, вакцините ќе се дистрибуираат и во аптеките. И Јужна Америка е на врвот на листата со најмногу заразени. Руската вакцина „Спутник“ е третата која доби одобрение за употреба откако беа најавени доцнења од конкурентите. Во Бразил се проширува програмата за имунизација.
„Вакцината е од суштинска важност за да се избегнат хоспитализации и смртни случаи. Над 80% од починатите во Рио се лица над 60-годишна возраст“, изјави Даниел Соранз, министер за здравство во Рио.
Во светот од Ковид-19 досега починале над 2,24 милиони луѓе.
Маја С. Филдишев
