Почна постапката за одложување на пописот
Власта и опозицијата остануваат со различни погледи за претстојниот попис. Лидерот на опозицијата Мицкоски апелира до Владата да прифати електронски попис или да го одложи за пролетта 2022-ра. ВМРО-ДПМНЕ денеска ја почна иницијативата со која практично се бара укинување на Законот за попис...

Електронски попис или одложување на статистичката операција за следната година. Опозициската ВМРО- ДПМНЕ и формално го поднесе барањето до ДИК за собирање потписи за укинување на Законот за попис.
Лидерот на партијата Мицкоски коментира дека со пописот во април власта го загрозува здравјето на граѓаните и не смее да гази преку живи луѓе. Потписите ќе бидат собрани, уверува Мицкоски, а политичарите и Собранието не смеат да одат против интересот на граѓаните.
Премиерот Заев останува на ставот дека пописот ќе се спроведе според сите стандарди. Го отфрла електронскиот модел бидејќи за одредени прашања нема информации во базата на податоци како што се верската или етничката припадност.
Јас сум подготвен, но опозицијата не прифати, вели Заев одложување за месец, месец и пол на пописот, како што предлага и претседателот Пендаровски за да се дојде до заедничко решение.
Опозиционерот Мицкоски за шефот на државата вели- тој задоцни и сега има грижа на совест дека луѓе ќе го загубат животот поради тоа што го потпишал Указот на законот за оваа статистичка операција.
Миле Ристески
