Завршни зборови на одбраната во случајот „Монструм“

03.02.2021 15:00

Завршни зборови на адвокатите во случајот „Монструм“. Адвокат на семејството на убиениот Кире Тричковски, Дафинка Ивановска побара најстрога казна за обвинетите. Адвокатот Насер Рауфи кој застапува дел од обвинетите во завршнитe зборови истакна дека е убеден дека овој случај е исконструиран, оспорувајќи ги доказите на Обвинителството, како и самото обвинение…

Под силно полициско обезбедување се одржаа завршните зборови на одбраната за случајот „Монструм“. Бранителите на обвинетите тврдеа дека Обвинителството наместо докази има само голи индиции и не ги докажува претпоставките за можен мотив. Дека ова е конструиран случај е укажано во извештајот на Прибе, а се зборува и во американскиот Стејт Департмент, додаде адвокатот Рауфи во завршните зборови. Сосема поинаку ќе беше да се водеше постапката според новиот закон за кривична постапка ќе имавме право и ние да предлагаме и даваме вештачења и докази, рече Рауфи.

Адвокатката на семејството Тричковски, чиј што син беше убиен на Смилковско Езеро, Дафинка Ивановска рече дека цели три години се одржуваа рочишта, се слушаа бомби, но не се утврдија некои факти, освен што се одзеде многу време за да се донесе пресуда. Семејството чека одговор што се случило на 12 април 2012 година, додаде Ивановска.

Минатата недела беше организиран протест за случајот „Монструм“ кадешто организаторите побараа разрешување на обвинителката Фатиме Фетаи, заради барањата за ригорозни казни затвор. Врховниот суд во декември 2017-та година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По ова, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

 

Фиљана Кока