Грижа за стари лица - единствениот геронтолошки центар одбележува 55 год од постоењето
Ќе се гради нов алцхајмер центар
12.11.2013 15:49
На повидок е првиот центар за прифаќање на лицата со Алцхајмерова болест
Се планира во Катланово, на местото на поранешниот дом за стари лица.Со ова ќе се намали притисокот врз единствениот геронтолошки центар во Македонија каде што се чека за место повеќе.Таму се сместени околу 450 корисници.Постојат и многу приватни домови за стари,но таму нема болничка грижа којашто им е неопходна. Оваа е недела за грижа за старите и изнемоштени лица.Македонската телевизија сними документарен филм за Геронтолошкиот завод како поддршка за грижата за стари лица што ќе биде емитуван викендов.
Во скопско Катланово ќе се гради нов центар за лица со Алцхајмерова болест, популарно наречена склероза. Со тоа ќе се решат дел од проблемите на единствениот Геронтолошки завод во Македонија каде што има долга листа на чекање за прием.
,, Со отворање на еден таков капацитет, добар дел од пациентите со Алцхајмерова деменција или други видови деменции ќе бидат згрижени таму,така што капацитетите во Геријатрија ќе се ослободат за пациенти со хронично прогресивни и трауматски заболувања. За овој проект имаме поддршка од министерот за здравство и ветување дека во следниот период Владата ќе најде буџет за да се реализира овој објект со што ќе бидеме први во овој регион којшто имаат ваков тип институција“ -изјави м-р д-р Ленче Нелоска-директорка на Геронтолошкиот завод 13 Ноември-Скопје.
Заводот во последниве две години се отвори и кон надворешните пациенти со повеќе интернистички амбуланти со ехо кабинети,супер опремена лабораторија, а планираат и амбуланти за остеопороза и палијатива.
,,Во хосписот во Скопје, покрај хоспиталниот дел функционира и дневната болница ,потоа палијативната грижа во домашни услови ,а во подготовка е и отворање палијативна амбуланта“-изјави д-р Лидија Албакоска-раководител на Сју Рајдер-Скопје.
Сју Рајдер во Битола и во Скопје се установи за болни во последниот стадиум. Поранешна професорка, 82- годишната Вера веќе не може да се грижи за себе,а тешко е и за семејството,сведочи нејзината ќерка Теодора Обрадовиќ
,, Ова е најдоброто решение што постои за мојата мајка, затоа што навистина станува збор за немоќ и неможност да се згрижи во други услови ,дома во никој случај, затоа што има потреба од 24- часовен хигиенски и медицински надзор“.
Вакви примери има многу,затоа од Заводот којшто го слави 55-годишниот јубилеј апелираат дека на Македонија и требаат повеќе вакви центри,зашто населението старее.
Соња Стојановска
