Се шири гасоводната мрежа во Куманово
Куманово со сопствени средства, пред 14-ина години, меѓу првите во државата, ја започна гасификацијата. Досега се изградени над 20 километри дистрибутивна гасоводна мрежа, а на гас се приклучени околу 300 објекти. Со цел да ги стимулира граѓаните да се приклучат на мрежата, општината обезбеди и субвенции. Но, кумановци сметаат дека споро тече процесот за користење на природен гас, како економичен извор на енергија...

Се шири гасоводната мрежа во Куманово. Екипите на јавното претпријатие „Куманово гас“ работат на изградба на нова мрежа од градската џамија до детската градинка. Со ова се создаваат услови и за гасификација на општата болница, која сѐ уште се затоплува на мазут.
Во најголемата општина во државата досега се изградени над 20 километри дистрибутивна гасоводна мрежа, најголем дел во централното градско подрачје. Од претпријатието информираат дека имаат околу 300 приклучоци. На гас се затоплуваат општинските објекти, училиштата, градинките, градскиот базен.
„Од година в година тој број константно расте за разлика од самиот почеток кога имаше отпор на некој начин од граѓаните бидејќи не беа запознаени со бенефитите, мислеа дека не е толку сигурен енергенс за загревање, меѓутоа од година в година граѓаните се запознаваат и тој интерес е се поголем и поголем“, изјави Никола Денковски, директор на ЈП „Куманово-гас“.
Со цел да се поттикнат кумановци да го користат овој природен енергенс за затоплување на своите домови, општината обезбеди субвенции за приклучок на гас. Советот изгласа и зголемување на субвенциите, па од досегашните 10.000 се зголемува на 15.000 денари. Со новата мерка физичките лица, треба да одвојат 550 евра. Кумановци пак сметаат дека споро тече гасификацијата на градот.
„Гасификација е убава работа, европски, тоа ќе служи долгорочно на граѓаните“- вели еден кумановец.
„Би се приклучил ако има позитивни услови, добри, економската состојба ако одговара за нашиот џеб“- вели друг.
„Подобро да е на гас отколку на струја, и поисплатливо е“- дополнува трет.
„Тоа е многу убава работа само кога ќе биде не знам, ќе не спаси од ова загадување“- истакна повозрасен кумановец.
„Тоа е најперспективно и евтино гориво“, додава повозрасен кумановец.
Во буџетот на општината за оваа година се предвидени 8 милиони денари за гасификација. Општина Куманово пред 14-ина години со сопствени средства, меѓу првите во државата ја започна гасификацијата.
Елена Георгиевска
