Димитров останува вицепремиер за европски прашања
Во Собранието не помина интерпелацијата за вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров. Опозицијата го немаше потребното мнозинство. Остри обвинувања кон Димитров дека ја манипулирал јавноста за добивање на датумот за старт на преговорите со ЕУ и дека власта преговара за идентитетот и јазикот. Вицепремиерот категорично ги отфрли ваквите обвинувања. Рече- за мене татковината е мисија и повик...

Никола Димитров останува вицепремиер за европски прашања. Собранието не ја прифати интерпелацијата на опозицијата. „За“ гласаа 53-ца пратеници, а 55 беа против. Остри обвинувања дека Димитров ја манипулирал јавноста за добивање на датумот за старт на преговорите со ЕУ и за потпишувањето на договорот со Бугарија, поради што сега е блокирано членството. ВМРО-ДПМНЕ со став- власта преговара за идентитетот и јазикот.
Вицепремиерот за евроинтеграции категорично ги отфрли ваквите обвинувања. Димитров објасни дека нема преговори за идентитетските прашања и затоа го отфрлил анексот на договорот од Софија. Ипорача на опозицијата да не работи на штета на државата.
Во текот на расправата, напната атмосфера, реплики и контрареплики, па и лични навреди меѓу пратениците. Кој се грижи за граѓаните, кој само глуми демократ, кој со каков капацитет располага.
Ова беше трета интерпелација за Димитров во изминатите три и пол години. Првите две беа додека тој ја вршеше функцијата министер за надворешни работи.
ВМРО-ДПМНЕ во Собранието поднесе уште две иницијативи за оценка на работата на вицепремиерот за борба против корупцијата Николовски и за министерот за правда Маричиќ.
Милчо Велески
