Мјанмар: Блокиран Фејсбук поради повици за граѓанска непослушност
По државниот удар во Мјанмар новата воена влада го блокираше Фејсбук поради објавување повик за граѓанска непослушност. Официјален Пекинг се надева оти сите страни ќе им дадат приоритет на волјата и интересите на народот. САД, пак, соопштија дека внимателно го разгледуваат прашањето за повторно воведување санкции за Мјанмар...

Новата воена влада во Мјанмар ја блокираше социјалната мрежа Фејсбук поради објавување повик за граѓанска непослушност по државниот удар, по кој беше сменета и притворена премиерката Онг Сан Су Чи. Фејсбук е популарна социјална мрежа во Мјанмар, а соборената влада преку неа комуницира со своите приврзаници.
„Немаме пристап до никакви вести. Ништо за мајката Су. Се чувствувам толку тажно што чувствувам болка во градите. Најмногу би сакал да одам и да се борам, но знам дека тоа е против желбите на мајката Су.“
Полицијата ја обвини Су Чи дека поседува неколку нелегално увезени воки-токи во нејзиниот дом, што законски и дозволува да остане во затвор до 15 февруари.
Според воените претставници, пучот бил неопходен за да се зачува „стабилноста“ на државата.
Официјален Пекинг се надева оти сите страни во Мјанмар ќе им дадат приоритет на волјата и интересите на народот и правилно да се справат со нивните разлики според Уставот и во законската рамка за одржување на политичката и социјалната стабилност.
„Секоја акција од страна на Советот за безбедност треба да биде погодна за политичката и социјалната стабилност на Мјанмар, мирно помирување и да се избегне влошување на тензиите и дополнително комплицирање на ситуацијата“, изјави Ванг Венбин, портпарол, министерство за надворешни работи.
САД, пак, соопштија дека внимателно го разгледуваат прашањето за повторно воведување санкции за Мјанмар.
Во меѓувреме во знак на протест по воениот удар, околу 70 пратеници и се спротивставија на новата воена влада со симболичен состанок на Парламентот, кој беше спречен да се отвори кога генералите го почнаа ударот.
Пратениците потпишаа канцелариски заклетви во владиниот дом, каде околу 400 од нив првично беа приведени како резултат на преземањето на власта. Инаку и болниците во над 30 градови ширум земјата престанаа со работа во знак на протест.
Во меѓувреме според инфомациите, и студентите се приклучуваат на движењето на отпорот кон воениот државен удар.
Воените режими владееа со Мјанмар половина век, се до 2011-та година.
Марина Ристова
