Пандемија

По Скопје, Охрид со најголем број активни случаи заразени со Ковид-19

04.02.2021 14:12

Според активните случаи заразени од Ковид-19, Охрид го држи неславното второ место во земјава. Очигледно е дека охриѓани сеуште сериозно не ја сфатиле опасноста од коронавирусот, бидеќи за разлика од другите градови каде што бројките опаѓаат, во Охрид бројката на хоспитализирани лица останува на стандардно ниво, од околу 50 пациенти. Според најавите модуларната болница ќе профункционира за две недели…

Со 397 активни случаи Охрид е веднаш зад Скопје по бројот на заразени и заболени лица од Ковид-19. За разлика од другите градови кадешто тие бројки постојано се намалуваат, во Охрид секој ден има нови позитивни и хоспитализирани лица што претставува огромно оптеретување за медицинскиот персонал кој е веќе исцрпен.

„Во охридската Општа болница моментално имаме 50 пациенти поврзани со оваа болест од кои 30 се поврзани на кислород. Така што ние целиот овој период, имавме на почетокот максимален број што примивме 111 пациенти, еден период паднавме на 45, значи под 50 пациенти ретко дека имаме. Охрид како што знаете нон-стоп има позитивни пациенти“, изјави д-р Горан Балевскидиректор на Општа болница- Охрид.

Причините за ваквите состојби Балевски ја гледа во непочитувањето на мерките за заштита од коронавирусот, а поради несовесноста на дел од граѓаните ударот постојано го трпи Општата болница.

„Веќе 11 месеци влегуваме каде што ние имаме константно пациенти, ниту еден ден нема од Охрид да нема позитивен случај од како е започната оваа пандемија. Така што иако во другите градови има намалување на хоспитализирани пациенти во Охрид останува на некое стандардно ниво“, вели д-р Балевски.

Инаку изградбата на модуларната болница привршува и според планираното таа ќе може да се стави во функција најбрзо за две недели. Во неа ќе се дислоцира Инфективното одделение со што ќе се растерети хируршкиот блок, а болницата ќе може понормално да функционира.

 

Сашо Нелоски