Сѐ уште се вештачат одземените уреди на приведените за „Јавна соба“
За „Јавна соба“ приведени четворица. Се вештачат одземените телефони и уреди од осомничените. Случајот се истражува, а хендикеп според министерот за внатрешни работи Спасовски, е некомуникацијата на платформата „Телеграм“. Појасни дека се идентификуваат и други членови. Се прават напори за заштита на граѓаните и нивните лични податоци, уверува Спасовски...

Сѐ уште се вештачат одземените телефони и уреди од четворицата приведени за „Јавна соба“. Доказите ќе се предадат во јавното обвинителство. Се идентификуваат и други членови на платформата, вели министерот за внатрешни работи Спасовски. Истрагата ја отежнува недоволната комуникацијата со платформата „Телеграм“.
Министерот Спасовски најави одговорност и за протестите за „Монструм“, бидејќи беше оштетен државен имот и полициски возила, а биле нападнати и полицајци. Пријави за 14-мина и еден малолетник. Првиот човек на полицијата е дециден- нема прошка за инволвирани во корупција. За издавањето возачки дозволи без полагање, осуммина службеници заработиле кривични пријави и 28 граѓани за поттикнување на кривичното дело. Спасовски смета дека со реформите во државата ќе се смени и перцепцијата на граѓаните за корупцијата и ќе се јакне довербата.
А, зајакнатите полициски контроли на патиштата и автопатите дале позитивен резултат во статистиката за сообраќајни несреќи и жртви. За 56 отсто намален бројот на загинати во јануари, 2020 година со најмал број на жртви. МВР ја промовираше и мапата на црни точки, на која постојано ќе има присуство на сообраќајната полиција.
Наташа Гркова- Петрушевска
