Антиќ стандарден, Атланта ја продолжува доминацијата против Шарлот
18.03.2014 10:09
Нашиот интернационалец забележа 11 поени со 10 скокови во четвртиот редоследен триумф на Хокс (83:97), по неговото враќање на терените.

Нашиот интернационалец забележа 11 поени со 10 скокови во четвртиот редоследен триумф на Хокс (83:97), по неговото враќање на терените.
Освен стандардниот учинок на првиот Македонец во НБА лигата, за одбележување е и целокупната тимска игра на Атланта. Четворица стартери беа двоцифрени, а петтиот, Демар Керол ги постигна сите свои 9 поени во последниот период. Мајк Скот додаде 10 поени, од клупата. Пол Милсап беше најдобриот стрелец на гостите со 28 поени, во 11-та победа по ред на Атланта во дуелите со Шарлот. Хокс ја прекинаа серијата од 8 победи на Бобкетс на домашен терен.
Во таборот на поразените Кемба Вокер постигна 20 поени, а Ал Џеферсон имаше 16 со 12 скокови што е негов 30-ти дабл дабл учинок сезонава. Атланта не само што му бега на Њујорк на 8-та позиција во битката за плеј офот, туку и им се приближи на Бобкетс и го напаѓа 7-то место во Источната конференција. Хокс имаат учинок 30/35, а Шарлот има 33/35.
Во следните 8 натпревари, што ќе ги одигра до крајот на март, Атланта има релативно лесен распоред. Игра два пати со Торонто, со Њу Орлеанс, Феникс, Минесота, Вашингтон и Филаделфија. На хартија, најтежок ќе биде дуелот со Портланд. Ова е шанса за Перо Антиќ и за Хокс, конечно да се одлепат во обидот да обезбедат плеј оф позиција.
На останатите средби во синоќешната понуда, возбудливо беше и на мечот меѓу Оклахома и Чикаго (97:85), на кој што Кевин Дјурант постигна 35 поени со 12 скокови и со 5 асистенции. Дјурант има 32 меча во низа со најмалку 25 поени, со што му се доближува на рекордот на Мајкл Џордан (40 натпревари).
Филаделфија го претрпе 21 пораз во серија, што е најлошиот учинок во историјата на оваа НБА франшиза. Сиксерс беа поразени од Индијана (99:90).
Резултати:
Бруклин – Феникс 108:95
Хјустон – Јута 124:86
Далас – Бостон 94:89
Денвер – Клиперс 110:100
